Tuesday, December 6, 2011

Пеперутки и градинарски црви

Кај новоформираните претприемнички фирми огромна пречка претставува ограничениот буџет за нивна промоција и промоција на нивните производи. Од тоа пак, од друга страна, драматично зависи нивниот успех во поглед на продажбата, ангажирањето квалитетен кадар, способноста да се обезбеди дополнителен капитал. Но и во случај кога новоформираното претпријатие нема средства за платено рекламирање, преку билборди и огласи во електронски или печатени медиуми, постои еден исто така ефикасен начин за нивна промоција преку вмрежување (англ. networking).

Вмрежувањето опфаќа активности кои се поврзани со ангажирање на истомисленици, со цел унапредување на нештата кои се од ваш интерес. Тоа може да вклучува голем број на активности, вклучително посетување на различни забави, настани кои ги организираат различни здруженија, пиење кафе со луѓе од различни профили, присуство на состаноци на професионални асоцијации и друго.

Кога станува збор за нивниот однос кон вмрежувањето, претприемачите може да се поделат на два вида: пеперутки и градинарски црви. Претприемачите-пеперутки бараат секаква можност да се сретнат со други луѓе и сакаат да присуствуваат на заеднички ручеци, вечери, забави, состаноци. Наликуваат на вистински пеперутки кои одат од цвет на цвет. Тие веруваат дека ако сретнуваат повеќе луѓе се зголемува и веројатноста да ги сретнат токму оние „вистинските“. За нив нето-вредноста на секој поединец е еднаква на нивната мрежа.

Претприемачите пак, кои спаѓаат во т.н. категорија на градинарски црви сакаат да си останат „закопани“ во својата работа и го одбегнуваат секоја настан кој всушност за нив претставува одвлекување од нивната многу важна работа. За нив е важно само да создадат идеален производ или услуга, а тогаш веќе светот ќе најде начин како за истите да разбере.

Всушност, оптималниот однос на претприемачите кон вмрежувањето се наоѓа некаде помеѓу и сликовито може да се претстави преку пчелите. И пчелите, како и претприемачите, своите активности ги превземаат само со одредена цел. Тие не го трошат своето време на активности кои не придонесуваат во произведувањето на мед или саќе. Истото би требало да важи и за претприемачите. И тие се постојано во активности кои или директно генерираат приход, или создаваат можност за негово креирање во иднина. Така е и кога во прашање е нивниот однос кон вмрежувањето.

Ова е особено значајно да се запомни. Целта на вмрежувањето, сепак, е преку него да се овозможи во иднина претпријатиетието да создава приход благодарејќи на соработката со контактите кои се остварени преку активностите на вмрежување. Ако времето кое се троши на вмрежување не е адекватно компензирано со соодветен индиректен приход од истото, тогаш нешто со таа мрежа, или со односот кон неа не е во ред. Исто така, важно е да се знае дека за градењето на мрежите, како и за уживањето на плодовите од истите е потребно време. Не може да очекувате дека ќе ви помогне во добивањето на одредена конкретна зделка моментот што неколку дена пред одлуката за избор на најповолниот понудувач сте го запознале извршниот директор на компанијата-набавувач, на некоја неформална средба, на која едвај сте имале време пристојно да помуабетите. Претприемачите треба да се фокусираат при вмрежувањето да не забораваат зошто присуствуваат на настаните од мрежата. Сите ние уживаме да се дружиме со пријателите, но при вмрежувањето особено е значајно дека треба да се разговара со оние кои сèуште не сме ги запознале, ниту сретнале.

При секој настан кој е дел од функцијата на вмрежување на кој присуствуваат претприемачите потребно е да се има јасна цел. На пример, добро инвестирано време на претприемачот е кога при присуството на некој настан тој ќе запознае пет нови луѓе. Во спротивно, присуството на настанот би претставувало бесцелно јадење и пиење и непотребно губење на време.

За претприемачите-сопственици и извршни директори на фирмите е важна и следнава напомена. Вмрежувањето не се однесува само на нив. На многу настани кои се можност за вмрежување е многу подобро ако присуствуваат, на пример, технички лица од фирмата, или пак, сметководителот, или некој друг од администрацијата. Заради доброто на компанијата секогаш на ваквите настани треба да се праќаат најсоодветните лица.
Извор: John Freisinger, Of Butterflies and Earthworms”, Innovation Magazine, August/September 2011.

Friday, December 2, 2011

10 водечки бизнис сектори за 2012 година


Бидејќи наближува почетокот на 2012 година кога претприемачите започнуваат сè повеќе да размислуваат за започнување на нови бизниси во наредната година, часописот Entrepreneur посочува 10 растечки пазари во кои постојат можности за правење на бизнис кои чекаат да бидат искористени. Дури и во овие времиња на заситување на пазарите, овие сектори на сопствениците на бизниси им нудат можности да остават свој белег, да ги реализираат своите бизнис агенди и да им овозможат нивните компании да остварат забележителен раст.



Оваа година според часописот Entrepreneur, трендовите укажуваат на напредување на претприемништвото. Според фондацијата Kauffman, само во 2010 година беа формирани рекордни 565,000 нови бизниси, што укажува на најголемиот пораст на претприемништвото во последниве 15 години.


Повеќе...

Извор: Entrepreneur Media Inc., “Entrepreneur Reveals 10 Leading Business Sectors For 2012 Amid The Strongest Entrepreneurial Surge In 15 Years”, Nov. 29, 2011